Vladislav Bidikov – BLOG

21-11-2004

lm_sensors проблем

категорија: — Бидиков @ 11:00 pm

Денеска цел ден го загубив на бркање на диви птици (вака ми дојде да ја преведам фразата: wild goose chase ..) и барајќи логичко објаснување зошто системот кој 5 години работи на линукс како саат после неколку некритични надградби почна да замрзнува чим температурата внатре во куќиштето надмине 40 степени.
Прво што помислив е дека проблемот е од хардверска природа и земав да ги тестирам компонентите една по една. Набрзо утврдив дека сите се сосема исправни. Го затворив назад куќиштето и така оставено во сред соба ги приклучив мрежните кабли и напојувањето. Кога се вратив од ручек ме дочека изненадување – системот беше целосно замрзнат, сите сервиси беа недостапни, но истиот одлично рутираше и одговараше на пинг и на двата мрежни интерфејси.

Тотално излезен од кожа решив да го разоткријам проблемот. Земав и ги изгасив сите сервиси, освен веб серверот и повторно решив да почекам. Поминаа неколку минути и повторно се случи истото. Овој пат преку PHP скрипта го прикажував логот од системот на секои 10 секунди и точно 2 секунди пред да приметам дека смрзна системот видов дека последното нешто што беше во логот беше cron скриптата која ја логира температурата на процесорот и плочата со помош на MRTG системот.
Сега го имав главниот осомничен. После рестартирањето на системот веднаш ја тргнав скриптата од cron за да видам дали навистина е тоа проблемот и повторно ги активирав сите сервиси. Поминаа скоро 50-тина минути и системот беше сосема операционален.
Откако открив што е проблемот побарав на интернет дали и други имаат проблеми со lm_sensors и веднаш најдов неколку луѓе кои го имаат истиот проблем на машини базирани на Intel 440bx чипсетот, за да подоцна видам дека во последната надградба на i2c модулите постои напомена дека се можни проблеми со постари плочи поради ситни разлики во самиот протокол на магистралата.
На крај решив да се откажам од температурниот монитор (кој и така е скоро непотребен бидејќи машината е во строго контролирана амбиентална температура) додека не најдам време да ги вратам старите верзии на програмата и се осигурам дека ќе ги снема проблемите.

No Comments

Нема коментари.

RSS feed for comments on this post.

Sorry, the comment form is closed at this time.