Vladislav Bidikov – BLOG

28-09-2004

МТ – навистина (не)блиски

категорија: — Бидиков @ 2:30 pm

Дејството започна во средата во доцните часови. Од засега непозната причина мојот телефонски апарат го загуби сигналот. Ај си викам ќе се опорави ова до утре сабајле, а бидејќи АДСЛ-от најнормално си работеше не се почуствував загрозен.
Сабајлето во четврток околу девет часот, телефонот беше сеуште мртов па отидов во комшии на кафе за да се јавам на 9771 за да пријавам пречки во телефонските услуги.
Ми се јави културна тетка операторка и ме праша за телефонскиот број и ми рече дека ќе ја испитаат работата. Со помислив дека готово е ќе се среди работата, но проблемите само што започнаа!

Поминаа саати и саати, а од пошта ни абер ни глас!
Ај си викам јас пак да видам што е работава, и со трчање одам кај комшијата – ни добар ден ни бутур – се фаќам за телефонот и пак ја барам операторката. Од таму добивам одговор: Веќе се работи на проблемот очекувајте телеофнот да ви проработи секој момент. Јас пак задоволен (и секако безпомошен) се враќам дома.
Бидејќи имам некои контакти со МТ, ај викам да напишам една порака да прашам за совет. Така и направив и ми дадоа број од луѓето во централа. Одам јас во комшилук по трет пат и се јавувам најкултурно и од таму место добар ден добивам: „п***а ти матер од каде го доби бројот, што е проблемот јави се на 9771“. Се обидувам да им објаснам на луѓето дека веќе два пати се јавив на 9771 и дека сеуште немам информација. Откако им го кажав бројот добив пријатно во стилот: „вашето барање стигнало во 13.18, а ние работиме до 14 часот – знаете ние сме должи во рок од 24 часови да го средиме проблемот така што утре ќе видиме што е“.
(н.з ова е фризирана форма на одговорот бидејќи отигиналната порака не е достојна за пишување)
Така јас сериозно навреден решавам да чекам да дојде утрешниот ден. Доаѓа и си оди утрешниот ден а мене сеуште ми остана мртов телефонот. Конечно во 13.30 се јавувам пак кај батката во централа и од таму после неколку секунди откако му спомнав дека 24 часа одамна изминаа добив корпа (читај: ми затворија слушалка). Тотално побеснет од нивната постапка земав и се јавив кај МтНет во Техничка подршка за АДСЛ и им ја објаснив состојбата дека се јавувам иако АДСЛ-то супер работи, но веќе 3 дена немам телефон и потоа во кратко црти им го раскажувам проблемот. Дечкото таму фино ме праша кој ми е бројот и ми рече дека ќе види што е проблемот.
После 15 минути непознат број ми ѕвони на мобилен, а од таму се пратставува: „јас сум господинот со кого пред малку разговаравте од МтНет“ Јас изненаден како човекот го нашол мојот мобилен (н.з потоа ми текна дека го имамат во договорот за АДСЛ) го прашувам дали има некоја полезна информација. Од таму как одговор добивам дека монтерот кој го добил мојот случај не успеал да ја најде мојата адреса за да провери (кажете ми вие како може да не најдете зграда на четири спрата во сред Центар, а да на најдете куќата со борјот после зградата), но еве ми го дадоа неговиот мобилен и ми рекоја да се јавам и да се договорам кога да дојде.
После овој интересен и информативен разговор се јавувам кај монтерот и дознавам дека тој може да дојде во сабота рано во периодот од 9 до 11. Јас презадоволен му кажувам дека сум дома и дека ќе го очекувам.
Дојде саботата и монтерот точно во 10.48 пристигна кај мене. Кога виде дека работи АДСЛ линијата, а нивните тестирања покажуваат дека има спој на парицата се изненади. Сепак според процедурата ја провери инсталацијата дома, а се симнавме и каде што доаѓа мојата парица да провери таму. После неколку минути разговор со лугето од централа утврди дека проблемот не е кај мене туку дека е во централа. Човекот си отиде и на одење ми кажа дека ако не ми проработи телефонот за саат време пак да го побарам тој да провери што е проблемот.
Откако си отиде монтерот после 15 минути заѕвони телефонот и на телефон еден батка ми објаснува како тоа проблемот е решен и дека имало проблем во централа и во микроинсталацијата, од мене како гром од ведро него добива: „абе ајвани едни друг вие да мафтате ама кај мене апсолутно ништо не е сменето туку таму во централа си играте играчки“ и секако мило за драго му треснувам слушалка.

И така јас ни крив ни должен скоро четири денови без телефон си бев.

П.С:
Ако нареднава сметка е повисока од обично ќе барам детална сметка и баш ќе погледнам што разговори „сум водел“ овие четири денови без телефон.

No Comments

Нема коментари.

RSS feed for comments on this post.

Sorry, the comment form is closed at this time.